Археолозите од НУ Музеј – Куманово при последната кампања на локалитетот „Градиште“ во селото Младо Нагоричане открија две значајни археолошки наоди: најстар автохтон натпис на сад од локално производство на териториите северно од античкото македонско кралство, како и остатоци од постари ѕидови под резиденцијален објект од IV – III век пр. н. е.
„Горди сме што можеме да соопштиме дека годинава имаме две големи откритија. Под постоечките ѕидови на објектот, откривме остатоци од постари ѕидови врз кои се поставени поновите, што значи дека резиденцијалниот објект имал подолга традиција на користење. Со други зборови, постои веројатност да има остатоци од постар објект од ваков тип на истото место. Второ, го откривме најстариот сочуван автохтон пишан натпис на териториите северно од Астибо – Брегалница. Станува збор за графит врежан на дно на сад од локално производство, кој припаѓа на групата натписи од т.н. ‘апоретски’ тип – натписи поставени на скришни места, со еротска и вулгарна содржина. Ова е исклучително важен наод, затоа што зборува за користење на писмо од страна на населението на Градиште во Младо Нагоричане, нешто што е реткост на териториите северно од македонското кралство“, изјави археологот Дејан Ѓорѓиевски, раководител на истражувањата.
Во рамките на годинешната кампања бил целосно истражен секторот „Акропола“, вклучително и отворениот двор на резиденцијалниот објект и правецот на протегање на каналот за вода. Истовремено, се работи и на дигитализација на дел од наодите, со цел нивно претставување пред пошироката јавност.
„За следната година планираме да продолжиме со откривањето на уште неколку градби што ги забележавме преку LIDAR снимките, како и преку GPR геофизички снимања“, додаде Ѓорѓиевски.
Истражувањата се финансирани од Министерството за култура и туризам.