Во денешното гостување во подкастот „Каде се парите“ на новинарот Горан Теменугов, министерката за финансии истакна дека останува уверена дека Македонија во 2025 година ќе има економски раст од 3,7% согласно првично предвидената проекција со Буџетот кој беше усвоен во декември минатата година, но и дека очекува вториот квартал да имаме подобар раст наспроти тој во првиот квартал (3%).
Министерката во своето гостувања одговори на дилемите во јавноста дали овој раст е премногу оптимистички при што истакна: „Јас не би рекла дека бројката е оптимистичка, затоа што во тој случај треба да речеме дека Министерството за финансии минатата година имаше песимистичко сценарио. Кога дојдовме ги намаливме проекциите, но сепак до крајот на 2024 година успеавме на некој начин да ја вратиме економијата во нормала и она што беше проектирано од страна на Министерството за финансии за 2024 година да биде како песимистичко сценарио во однос на тоа што се реализираше до крајот на годината“.
Во однос на тоа зошто Министерството за финансии останува на истите проекции министерката Кочоска истакна дека првиот квартал го завршивме со раст од 3%, но она што е многу важно се сезонските прилагодувања според кои растот беше 3,2%. Тоа значи дека кога ќе ги тргнете сезонските влијанија вие имате дури и повисок раст од тој што го имате минатата година. Тоа значи дека растот бил повеќе резултат на некои сезонски влијанија. Годинава е некој стабилен раст што укажува на тоа дека реални се проекциите за остварување на растот од 3,7%.
“Не сметам дека сме направиле некое оптимистичко сценарио, напротив станува збор за едно реално сценарио. Ќе го видиме вториот квартал очекуваме да има многу подобар раст на бруто домашниот производ дури и од првиот квартал. Така што 3,7% е некој реален раст имајќи предвид дека Владата сепак има информации, знае со што располага и какви се видувањата до крајот на годината.