567 милиони денари повеќе се вратени за ДДВ оваа година од лани, открива Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, во своето гостување на подкастот „Каде се парите?“
Според податоците кои ги презентираше министерката во мај 2024 година бил направен поврат на данок на додадена вредност од 2,138 милијарди денари, а овој мај 2025 година бил направен поврат од 2,7 милијарди денари. Ова претставува разлика од 567 милиони денари или 26,5% повеќе од истиот месец минатата година.
„Во однос на оваа година наспроти истиот период минатата година истотака имаме раст на повратот на ДДВ од некаде околу 300 милиони денари за цел период од 1 јануари до 31 мај.“ истакна Димитриеска Кочоска.
Министерката се осврна и на тоа дека оваа Влада не е „како до сега“ и спроведува сериозни контроли и проверки за злоупотреби во повратот на ДДВ што во минатото беше чест случај, а поднесени се и бројни кривични пријави за изигрување на системот.
„Морам да напоменам една друга работа што ја забораваме, а тоа е дека нема „како до сега“ односно поврат да се дава на компании коишто прават криминални работи и ја злоупотребуваат Управата за јавни приходи. Ако ги исклучиме од овие математики тогаш многу поголем поврат даваме во однос на претходната Влада, затоа што таа со својот поврат даваше и кон овие што го злоупотребуваа системот“ истакна Димитриеска Кочоска.