Со незаборавен концерт на групата „Леб и сол“ на античкиот локалитет Хераклеја Линкестис, синоќа свечено беше отворено 17. издание на Битолското културно лето „БИТ Фест“. Пред многубројната публика, легендарната македонска група го означи почетокот на својата јубилејна турнеја по повод 50 години постоење, но и почетокот на едно од најзначајните културни случувања во земјата.
Публиката уживаше во познатите композиции на „Леб и сол“, изведени во автентичната атмосфера на Хераклеја, што дополнително ја засили магијата на вечерта. Концертот беше вистински музички спектакл, исполнет со емоции, носталгија и енергија која ја одбележа првата фестивалска вечер.
Официјалната програма на БИТ Фест ќе трае до 31 август и ќе понуди богата палета на културни настани од различни жанрови – концерти, театарски претстави, изложби, книжевни вечери, филмски проекции и други културни содржини. Организаторите најавуваат лето исполнето со култура, уметност и забава, поддржано од Општина Битола и Министерството за култура и туризам.