
Директорот на Центарот за управување со кризи најави дека наскоро граѓаните ќе можат да ја користат новата апликација „Where Are You“, која ќе овозможи побрза, побезбедна и попрецизна комуникација со службите за итни случаи преку системот 112.
Новата апликација ќе им овозможи на корисниците директно да ја испратат својата точна локација од местото на настанот, како и фотографии и видеоснимки, со што службите ќе добијат подетални информации за ситуацијата и ќе можат побрзо и поефикасно да реагираат.
Една од најзначајните новини е можноста за директна видео-комуникација со Оперативниот центар во итни ситуации. На овој начин операторите ќе можат во реално време да ја проценат состојбата на терен и подобро да ја координираат интервенцијата.
Апликацијата ќе ја содржи и функцијата „Silent Call“, наменета за жртви на семејно насилство и лица кои се наоѓаат во опасност. Со оваа опција тие ќе можат тивко и безбедно да побараат помош, без потреба да разговараат со оператор, што може да биде од клучно значење во ризични ситуации.
Од Центарот за управување со кризи истакнуваат дека воведувањето на овие нови функционалности е дел од процесот на модернизација на системот 112, со цел да се обезбеди поголема безбедност за граѓаните, попрецизно пренесување на информациите и поефикасна реакција на надлежните служби при итни случаи.

















