Нашата политичка борба не е за власт, туку за права и еднаквост. Правата на Албанците, а со нив и на секој граѓанин, се гарантираат само во држава изградена врз знаење, правда и транспарентност. Албанците не се разменска монета. Тие не се лична сопственост за збогатување на политичарите од ДУИ.
ВЛЕН е создаден од длабокото уверување дека во институциите мора да владее систем на заслуги, а не на презимиња. Секоја работна позиција треба да се добие со труд, а не по роднинска линија. Податоците за застапеноста мора да бидат јавни, проверливи и обврзувачки a не манипулативна статистика.
Веруваме во држава каде што шансите се еднакви за сите Албанци. Каде што јавните конкурси не се параван за однапред договорени вработувања, туку мост кон фер можности. Ова не е само прашање на закон туку морална обврска кон генерациите кои сакаат да ја градат својата иднина дома, а не да бидат принудени да заминат.
Нема да молчиме кога овие права се газат пред очите на јавноста.
Кога Бујар Османи, злоупотребувајќи ја својата државна функција, и обезбедува на својата сопруга највисокоплатена работа во АЕК, а уште една на својата сестра во М-НАВ.
Кога Арбер Адеми, без трошка одговорност, обезбедува универзитетска плата за својот брат, тогаш станува јасно зошто ДУИ се плаши од ред и контрола.
Ова не се исклучоци. Ова е слика на еден распаднат систем, каде што врските вредат повеќе од дипломите, а јавниот сервис е претворен во приватна семејна каса. ДУИ не се плаши од ВЛЕН туку од редот и правдата што ние ги застапуваме.
ВЛЕН ја отфрла оваа изопачена логика.
Нашата цел се институции каде што успехот се мери по знаење, а не по презиме. Каде што етничката застапеност е алатка за правда, а не изговор за злоупотреба. Каде што секој конкурс остава јасна трага, а секој обид за непотизам се казнува, а не се слави.
Оваа битка не ја водиме само за денес. Ја водиме за сите млади кои сакаат да ја градат својата иднина тука, во својата татковина. Се бориме за држава каде што работните места им припаѓаат на најдобрите, не на најблиските. Се бориме за да го разбиеме семејниот монопол врз власта. И го правиме тоа со уверување дека транспарентноста, еднаквоста и меритократијата не се празни зборови, туку темели на иднината што и ја должиме на секоја граѓанка и секој граѓанин.