Во Соборниот храм „Света Софија“ во Охрид денеска свечено беше извршена епископската хиротонија и устоличувањето на архимандритот Георгиј на тронот на Дебарско-кичевската епархија. Со тоа, тој и официјално ја презеде функцијата митрополит, на што премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на настанот, реагираше со честитки и поддршка.
„Верувам дека со сите сили и знаења ќе служи на нашата црква. Достоен е! На многаја лета!“, напиша премиерот на Фејсбук.
Изборот на новиот митрополит уследи откако на 12 јули, на седница на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, Георгиј (Ѓорѓиевски) беше едногласно избран без ниту еден глас против. Со тоа, Македонската православна црква – Охридска архиепископија доби нов духовен водач на една од нејзините најзначајни епархии.
Митрополитот Георгиј зад себе има богата биографија како богослов, дипломат, реформатор и автор на повеќе книги и теолошки трудови. Неговиот избор се смета за симбол на црковен консензус, стабилност и јасен фокус кон духовниот и образовен развој на верниот народ.