Жителите на делчевската населба Први Реон фатија на видео лице како намерно подметнува пожар, по што со забрзани чекори го напушта местото. Инцидентот се случил доцна навечер на 9 јули, а снимката од надзорна камера, поставена во близина на местото, веќе е предадена на надлежните институции.
Настанот бил првично пријавен од загрижен граѓанин кој забележал чад и веднаш алармирал. По увидот во видео-снимките, потврдено е дека се работи за намерно предизвикување пожар.
„Во услови кога температурата надминува 35 степени, а природата е сува и лесно запалива, ваквите постапки се не само неодговорни, туку и животозагрозувачки“, предупредуваат од локалните власти.
Од Општина Делчево апелираат до граѓаните да бидат будни и внимателни, и да пријават секое сомнително однесување или движење кое може да доведе до пожари.
„Доволна е една искра за да изгори целиот регион. Само со заедничка будност можеме да ги спречиме катастрофите“, се вели во апелот на службата за противпожарна заштита.