Во партијата Вреди велат дека се „шокирани, но не и изненадени“ од последните изјави на Али Ахмети, кој, според нив, „повторно избувнува со банален, навредлив и недостоен јазик за човек кој некогаш тврдеше дека ги претставува Албанците“.
„Од ‘загарите’ до ‘газиместан’, овој срамен јазик е најјасен доказ за губењето на контролата, паниката и политичкиот крај на човек кој 20 години го третираше својот народ како приватна сопственост. Ахмети денес повеќе не зборува како политички лидер, туку како некој што се дави во сопствениот јазик на омраза. Кога човек кој водеше две децении го нарекува својот народ ‘Газиместан’ и го навредува со ‘700 илјади мајки’, тогаш секој Албанец разбира дека овој човек повеќе не претставува никого, освен себеси и неговиот привилегиран круг“, наведува Вреди во соопштение.
Од партијата додаваат дека Албанците во Северна Македонија – без разлика дали гласале за ВЛЕН или за НАИ – не се „Газиместан“, туку горда нација која на 19 октомври покажа демократска зрелост и решителност за промени.
„Го почитуваме секој глас и секој граѓанин што учествуваше во овој историски процес, бидејќи на 19 октомври албанскиот народ се ослободи од страв, притисок и политичка уцена“, завршува соопштението на Вреди.































