Одделот за воздухопловни единици при МВР учествуваше на „SKOPJE AIR FAIR 2025“ во Градскиот парк
Одделот за воздухопловни единици при Министерството за внатрешни работи денес учествуваше на петтото издание на „SKOPJE AIR FAIR 2025“, што се одржа во Градскиот парк во Скопје, во организација на Здружението за подобро воздухопловство „Авикон“.
На настанот, кој е посветен на промоцијата и популаризацијата на воздухопловството во Република Северна Македонија, учество зедоа повеќе воздухопловни институции, компании и организации. Одделот за воздухопловни единици при МВР се претстави со свој промотивен штанд, на кој беа презентирани работата, мисиите и капацитетите на полициската хеликоптерска единица.
Посетителите имаа можност одблиску да го разгледаат полицискиот хеликоптер BELL 412EP, да се запознаат со специјализираната опрема и со задачите што оваа единица ги извршува – како потраги и спасувања, гасење пожари, медицински евакуации, транспорт на единици за брза интервенција и други операции од јавен интерес.
Преку непосредна комуникација со воздухопловниот персонал, голем број млади посетители дознаа повеќе за пилотската професија, процесот на обука и улогата на воздухопловните единици во поддршка на јавната безбедност.
Со своето учество на „SKOPJE AIR FAIR 2025“, Министерството за внатрешни работи уште еднаш ја потврди својата посветеност на транспарентноста, приближување на воздухопловните служби до јавноста и поттикнување на интересот кај младите за воздухопловството.































