Владејачката коалиција ВЛЕН денеска се огради од градоначалничката трка во Кичево, порачувајќи дека граѓаните мора сами да ја донесат пресудата во вториот изборен круг. Финалната битка за градоначалничката функција ќе се води помеѓу кандидатот на нивниот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски, и Фатмир Дехари, кој настапува од коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ предводена од ДУИ.
„По објавата на компромитирачки материјали, побаравме повлекување на кандидатот на НАИ, Фатмир Дехари, од трката за да се заштити достоинството на процесот. Но, тој одлучи да продолжи, ставајќи го Кичево во нефер позиција и докажувајќи дека за оваа политичка каста, власта е последниот политички кислород. За ВЛЕН, јавниот морал не е предмет на преговори. Затоа, сега луѓето од Кичево мора сами да ја донесат пресудата“, соопштија од коалицијата.
Со ваквата одлука, ВЛЕН директно не повика на поддршка на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, како што тоа го направи за неколкумина други коалициски кандидати кои ќе настапат во вториот круг.
Исто така, со реакцијата се оградија и од претходната изјава на коалицискиот партнер Билал Касами, кој претходно очекуваше заемна поддршка меѓу ВЛЕН и ДУИ во општините каде што кандидатите се од редовите на албанските партии. Денеска, Касами потврди дека ставот за Кичево веќе е утврден од коалицијата ВЛЕН.































