Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја осуди „лудата агресија“ на рускиот претседател Владимир Путин врз Украина, нагласувајќи дека таа пропаѓа и дека Русија трпи огромни човечки и економски загуби.
Руте изјави дека поддршката на НАТО и западните сојузници дава резултати на бојното поле, додека новите американски санкции и царини дополнително ја притискаат Русија. „Путин остварува минимални добивки, а стотици илјади Руси гинат поради неговата агресија“, изјави Руте по самитот на „Коалицијата на подготвените“ во Лондон.
Тој додаде дека Русија останува без пари, војска и идеи, а сојузниците мора да продолжат со поддршката за Украина. Руте откри дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за можната испорака на ракети „Томахок“, но дека одлука сè уште нема.
На состанокот во Лондон учествуваа и дваесет нови земји, кои се приклучија на заедничкиот повик за поголема меѓународна поддршка на Украина.































