Претседателката Гордана Силјановска-Давкова во интервју за Јавниот сервис зборуваше за улогата на медиумите и содржините што им ги нудат на гледачите, нагласувајќи дека е неопходна посериозна државна стратегија во оваа област.
„Телевизиите со национални концесии речиси и да не продуцираат сопствени културни, научни или образовни програми. Во таа насока потребен е посериозен пристап,“ истакна Силјановска-Давкова, потсетувајќи на времето кога ваквите програми биле составен дел од секојдневието.
Таа ја коментираше и селекцијата на вестите, при што предложи поинаков редослед. „Зошто да не започнете со вести од културата, потоа спортот, а на крај политиката? Колегите велат дека тоа не поминува, не е конкурентно. Но, зошто да не се обидеме?“ рече претседателката.
Според неа, клучно е да се преиспита кому и зошто се доделуваат медиумските концесии и какви програмски стандарди се поставуваат. „Денес гледаме програми што не образуваат, не воспитуваат, туку често нервираат и поттикнуваат омраза. Тоа не е добро,“ нагласи таа.
Силјановска-Давкова потсети и на улогата на Македонската телевизија во минатото, која, како што рече, била најгледана токму меѓу младите. „Никој, како МТВ, не умееше да ги научи децата на буквите на толку достапен, креативен и занимлив начин. Документарните емисии беа врвни, а вестите – совршени,“ изјави таа.
Во однос на иднината, претседателката смета дека културните содржини мора да ги креираат луѓе кои ја живеат уметноста. „Оние што знаат што е уметност и што се посветени на неа, треба да ја презентираат културата,“ порача Силјановска-Давкова.
Таа нагласи дека највредната инвестиција е токму во културата – во документарни емисии, дијалози, промоција на млади автори. „Парите, знаењето и љубовта вложени во уметноста и културата остануваат трајно добро,“ рече таа.
Претседателката посочи и на сериозноста на говорот на омраза, предупредувајќи дека тој е штетен не само за воспитувањето на младите, туку и за здравјето на општеството во целина. „Во многу држави постојат санкции за говор на омраза. Такви мерки ни се потребни и кај нас,“ додаде таа.
На крајот, Силјановска-Давкова нагласи дека вложувањето во културата е вложување во иднината. „Имаме искуство, талент и историја. Наше е да ја зачуваме и да ја промовираме таа вредност,“ заклучи претседателката.