Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска учествуваше на потпишување на Меморандум за соработка за развој и интеграција на пазарите на капитал во Централна и Југоисточна Европа заедно со колегите од Хрватска, Бугарија, Унгарија, Полска, Романија, Словачка и Словенија.

Целта на интеграцијата е отворање на повеќе извори на финансирање, привлекување нови инвеститори и создавање прекугранични партнерства, особено за малите и средни претпријатија. Димитриеска-Кочоска истакна дека заедничката соработка значи доверба, транспарентност и усогласување со европските стандарди, што ја прави економијата посилна и поатрактивна за инвеститорите.

– Регионот испрати јасна порака: заедничка соработка, поатрактивни пазари и зајакнување на економијата преку иновации и инвестиции, – нагласи Димитриеска-Кочоска, посебно изразувајќи благодарност до хрватскиот министер за финансии и потпретседател на Владата, Марко Приморац, кој ја иницираше оваа регионална соработка.