Опозицискиот СДСМ соопшти дека до Централниот одбор, согласно Статутот на партијата, ќе достави барање за итно исклучување на Јован Деспотовски од членството. Од „Бихаќка“ тврдат дека Деспотовски, во координација со членови на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, работел на дестабилизација на партијата, со цел да се замолчи објавувањето на наводи за криминал и корупција на актуелната власт преку тендери, кои ги изнесува партискиот Антикорупциски тим (АКТ).
Од СДСМ наведуваат дека станува збор за организирана кампања насочена кон рушење на партијата, во која, како што велат, биле вклучени поранешни функционери и лица кои веќе не се дел од СДСМ. Во таа насока, партијата го посочува Деспотовски како поранешен функционер и директор на ФИТР и ТИРЗ, институции со значителни буџети, обвинувајќи го дека заради лични амбиции и фрустрации ја продолжил кампањата против СДСМ преку јавни настапи.
„Поради неговото однесување и штетата што ја нанесува, случајот го доставуваме до Централниот одбор со барање за итно исклучување, со цел да се зачува интегритетот на СДСМ и да се спречи понатамошна штета од петтоколонашки активности“, соопштија од партијата.
По реакцијата на СДСМ, се огласи и Јован Деспотовски, кој изрази разочарување од одлуките на актуелното раководство и оцени дека не очекувал по 30 години политички ангажман да биде третиран на таков начин од сопствената партија. Тој истакна дека во јавните настапи бил умерен и дека доколку таа умереност се смета за закана, тогаш СДСМ се соочува со сериозен внатрешен проблем.
Деспотовски упати и директна порака до претседателот на СДСМ, Венко Филипче, нагласувајќи дека партијата постоела и ќе постои со личности поголеми од секој поединец. „Со една одлука не можеш, ниту ќе дозволам да избришеш 30 години работа, љубов и жртва“, порача Деспотовски, потенцирајќи дека никој не смее да се стави над партијата и нејзините вредности.



























