Тешка сообраќајна несреќа се случила вечерва во скопската населба Кисела Вода, при што млада девојка била прегазена од такси возило управувано од возач кој, според сведоци, бил во видно алкохолизирана состојба.
Според информации од очевидци, таксистот ја изгубил контролата над возилото и удрил во девојката на тротоар, по што не застанал туку продолжил да вози. Неколку стотини метри подоцна, пред пиљарата „Шампионче“, удрил во паркирано комбе, а потоа продолжил и запрел пред градинката „Весели Цветови – Мимоза“, со сериозно оштетено возило и истечени течности од моторот.
На местото на настанот веднаш пристигнале екипи на Итната медицинска помош и полицијата. Повредената девојка, со помош на присутните граѓани, била пренесена во возило на Брза помош и однесена на лекување.
Полицијата извршила увид, а таксистот е задржан. Повеќе информации за состојбата на повредената и за околностите под кои се случила несреќата се очекуваат по официјалното соопштение од Министерството за внатрешни работи.



























