Во тек е санацијата на јужната трибина на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, со што спортскиот објект добива нов и современ изглед. Проектот опфаќа целосна реконструкција на трибините, замена и зајакнување на кровната конструкција, како и реновирање на фасадите и внатрешните простории.
Како дел од реконструкцијата, се поставуваат и нови седишта што ги исполнуваат стандардите на ФИФА и УЕФА, со што стадионот се приближува до современите барања за одржување на меѓународни натпревари.
Инвестицијата изнесува 46.613.269 денари, а целта е да се обезбедат поголема безбедност, зголемен комфор и подобра функционалност за публиката и учесниците во спортските настани.
Од надлежните институции посочуваат дека обновениот стадион ќе придонесе за развој на спортот во регионот, ќе обезбеди подобри услови за локалните спортски клубови и ќе го збогати спортскиот живот во Битола.
Проектот е финансиран од Владата преку Министерството за спорт.



























