Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, изјави дека претседателот Александар Вучиќ спие само два до три часа дневно, додека остатокот од времето го посветува на работа.
„Можат да се потсмеваат на ова, но вистина е – тој работи цело време. Размислува, планира и кога нешто не функционира како што треба, вели: ‘почекајте, не беше доволно добро, ајде да видиме како можеше да биде подобро’. Единственото нешто што им преостанува на неговите противници е да го убијат, што е ужасно“, изјави Брнабиќ.
Таа додаде дека изминатата година била тешка, но најголемиот успех бил зачувувањето на мирот и избегнувањето на граѓански конфликти, и тоа, според неа, благодарение на „неверојатната политичка мудрост“ на Вучиќ.
„Тој постојано повикуваше на трпеливост и толеранција, не само од граѓаните, туку и од сите институции. Доколку државата реагираше поинаку и не дозволуваше неовластени собири или улични блокади, тоа можеше да прерасне во граѓански конфликти или дури во граѓанска војна“, изјави Брнабиќ за провладината телевизија Пинк.



























