Скопјанец единствениот Македонец осуден за војна во Украина – приказна од затворот „Идризово“
Љупчо Бојчевски (37) од Скопје е единствениот Македонец кој добил затворска казна поради „учество во странска војска“ во конфликтот во Украина, борејќи се на руската страна. Тој е осуден на четири години затвор, откако властите утврдиле дека три месеци бил на боиштата. На судењето јавно се покајал, што е запишано и во пресудата.
Законот за учество во странска војска е воведен во 2014 година за спречување заминување на граѓани во Сирија и други конфликти. Досега казни имало само за приклучување кон ИСИС, а ова е прв случај поврзан со војната во Украина. Македонија официјално ја осуди руската инвазија и се приклучи кон санкциите против Москва.
Бојчевски бил правосилно осуден на 13 мај годинава. Тој признал дека бил регрутиран преку затворена група на „Телеграм“ од Руси и дека ја прифатил понудата за работа од руското Министерство за одбрана. Патувал преку Белград и Истанбул до Москва, а потоа бил пратен на фронтот кај Мариупол. Организацијата, сместувањето и транспортот биле водени од регрутерот „Муса“, припадник на руската ФСБ.
На боиштето со него бил и Тони Шегмановски, кој подоцна починал во Скопје во неразјаснети околности. Фотографии од телефоните послужиле како доказ за нивното учество.
Бојчевски вели дека војувал од лични убедувања „за братскиот народ“ и очекувал месечна плата од 3.000 евра. „Бевме ротирани на различни задачи, не секогаш на фронтот. Видов ужасни сцени – психопати, злосторства, непотребни убиства“, сведочи тој од „Идризово“.