УТРО.мк

Мицкоски: Коалицијата „Твоја Македонија“ ќе настапи заеднички на локалните избори

Мицкоски: Коалицијата „Твоја Македонија“ ќе настапи заеднички на локалните избори
Vero

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска ја официјализираше коалицијата „Твоја Македонија“, составена од 25 партии кои, како што истакна, го претставуваат „колоритот на македонското општество“.

„Денес ја формализираме коалицијата Твоја Македонија која заеднички ќе настапи на овие локални избори. Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е убедливо најголемата коалиција која е составена од 25 партии кои се од различен карактер и во голема мера го претставуваат колоритот во македонското општество, различни структури и припадности што само потврдува дека се обединуваме околу заедничка платформа што подразбира обезбедување на иднина и напредок“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека локалните избори се клучни по две основни причини – надлежноста на општините во решавањето на проблемите на граѓаните и изборот на луѓе кои ќе бидат „гласот на народот“.

„Овие локални избори се важни за нас и иднината на државата поради најмалку две причини. Првата е што локалните самоуправи директно се надлежни да ги решаваат проблемите на граѓаните и не е сеедно каков градоначалник ќе се избере… Втората причина е што овие избори се околу тоа секој човек во државата да го направи вистинскиот избор за твоето место, твојата општина да се избере твојот човек кој ќе се бори за секој еден човек во општеството“, нагласи тој.

Мицкоски истакна дека коалицијата усвоила „Декларација за Македонија на граѓаните и за општини што создаваат иднина“, во која се обврзува на инвестиции во инфраструктура, отворање работни места, унапредување на здравството, образованието и политиките за млади, како и заштита на животната средина.

„Верувајќи дека инфраструктурата е основа за развојот на секоја заедница, ние се обврзуваме да вложиме во изградба и реконструкција на патишта, мостови, водоводи, канализациони системи, училишта, спортски сали и културни домови… Ќе се бориме за чист воздух, управување со отпадот, користење на обновливи извори на енергија и заштита на природата“, нагласи премиерот.

Во завршниот дел, Мицкоски потенцираше дека визијата на „Твоја Македонија“ е насочена кон „силни граѓани, силни општини и силна држава“.

„Со верба во својата држава и во својот народ… ја потврдуваме нашата решеност да изградиме Македонија како просперитетна, праведна и модерна држава… Ова се избори за тоа каква иднина ќе имаме“, порача Мицкоски.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран