По големиот пожар кој минатата недела ги зафати производствените погони на „Макпрогрес“ од Виница, бројни компании, маркети, институции, медиуми и поединци понудија помош и солидарност за компанијата. Поддршката ја потврди првиот човек на „Макпрогрес“, Глигор Цветанов, на работен состанок во Стопанската комора, каде беше најавена и кампања за засилена продажба на производите под брендовите „Винчини“, „Сончева долина“, „Натура“, „Дониа“, „Фантазија“ и приватните трговски марки на водечките синџири.
Цветанов истакна дека над 100 вработени директно погодени од пожарот нема да бидат отпуштени, туку прераспределени во други погони. Компанијата веќе преговара за набавка на нова опрема и кредит, а привремено решение ќе биде производна хала во близина на фабриката која е 80% подготвена и со половна опрема ќе може да работи шест месеци.
„Очекуваме за два месеца повторно да почнеме со производство на наполитанки и вафли. Новата швајцарска опрема треба да пристигне до крајот на декември, а на пазарот ќе бидеме најдоцна во јануари. За шест месеци ќе бидеме целосно комплетни“, изјави Цветанов, додавајќи дека во наредниот период ќе се фокусираат на домашниот пазар со пониски и акциски цени.
„Макпрогрес“ моментално извезува во 62 држави, со силно присуство во Централна и Југоисточна Европа, а во последните години се проширува и на германскиот пазар. Цветанов нагласи дека истрагата за пожарот е во тек и дека компанијата има обемна документација која ќе ја достави до надлежните.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, истакна дека Комората „стопроцентно стои зад Макпрогрес“ и ќе иницира конкретни мерки за поддршка, а заменик-министерот за економија Марјан Ристески упати апел до сите компании за солидарност.