УТРО.мк

Текстилната индустрија на колена – фабриките затвораат, германските партнери се повлекуваат

Текстилната индустрија на колена – фабриките затвораат, германските партнери се повлекуваат
Vero

Текстилниот сектор во Македонија се соочува со сериозна криза. Намалените нарачки од странство, пред сè од германските партнери, доведоа до затворање на неколку фабрики и отпуштање на илјадници работници. Само во последниот месец згаснаа три фабрики со по околу 100 вработени, а од почетокот на годинава повеќе од 5.000 луѓе го напуштиле секторот.

Податоците на Државниот завод за статистика потврдуваат значителен пад: во првите седум месеци од годинава бројот на вработени во производството на облека е намален за 9,8%, а во производството на текстил за 6,1%. Во споредба со 2021 година, бројот на работници во производството на облека е намален за 31,4%.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи и сопственик на конфекцијата „Мода“ од Свети Николе истакнува дека падот е засилен по коронакризата, а сега дополнително се продлабочува со економската криза во Европа, особено во Германија.

„Текстилот секогаш прв паѓа во време на кризи бидејќи се смета за луксуз. Денес имаме пад од 5 до 6% годишно“, вели Димитров.

Проблем е и високата цена на домашното производство, кое станува неисплатливо за странските партнери. „Нашиот германски партнер има 56% сопственост во фабриката и побара намалување на производството. Ако не најдеме нови нарачки, ќе мораме да отпуштиме 30 работници“, додава Димитров.

Дополнителен предизвик е конкуренцијата од југоисточна Азија, каде што производството е значително поевтино. „Германскиот партнер веќе работи со фабрики во Бангкок, каде што платите се околу 200 долари, наспроти нашите 800 евра“, нагласува Димитров.

Во вакви услови, многу сопственици на текстилни компании се одлучуваат да ги затворат фабриките и капиталот да го вложат во други сектори, најчесто во недвижнини во странство.

Извор: plusinfo.mk

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран