Италијанскиот град Бергамо е потресен од морничава приказна која ја открива темната страна на осаменоста. Полицијата, по долгогодишни поплаки од соседи за неподнослива смрдеа, упаднала во стан на улицата Алсиде де Гаспери и таму пронашла шокантна сцена – мумифицирано тело на 102-годишна жена, скриено под прекривки на креветот.
Со телото цели 12 месеци живеела нејзината 60-годишна ќерка, која ретко се појавувала пред соседите и важела за повлечена личност. Мајката, Франческа Петинато, не била видена со години, но никој не претпоставувал дека е мртва толку долго време.
Соседите изјавиле за италијанските медиуми дека смрдеата била постојана, но никој не верувал дека зад затворените врати се крие ваква трагедија. Откако полицијата и пожарникарите влегле во станот со судски налог, затекнале простории во очајна состојба, преполни со отпад и запуштени.
Ќерката е веднаш префрлена во психијатриска болница, а обвинителството отвори истрага за евентуално прикривање на смрт или финансиска измама, доколку таа продолжила да ја користи пензијата на мајката.
Случајот предизвика силни реакции во Италија, отварајќи болна дебата за менталното здравје, изолацијата и отуѓеноста во современите урбани заедници.