Партијата ЗНАМ денеска ги објави носителите на советничките листи за претстојните локални избори во скопските општини и Градот Скопје. На чело на градската листа ќе биде генерал Горанчо Котевски, поранешен началник на Генералштабот на Армијата.
Портпаролот Никола Мемов информираше дека ЗНАМ ќе настапи со свои листи во 53 општини и во Град Скопје. Меѓу носителите се најдоа познати имиња од спортот, медицината и јавниот живот: во Аеродром ќе ја предводи листата поранешниот фудбалер Љупчо Марковски Калц, во Центар автомобилскиот аналитичар Крумислав Мишко Барзов, во Карпош хирургот ортопед Јасмин Циривири, а во Бутел поранешниот кошаркар Ѓорги Чековски. За носител во Гази Баба е предложен пензионираниот полициски началник Зоран Доневски, во Ѓорче Петров кошаркарот Тони Симиќ, во Кисела Вода стопанственикот Сашо Петровски, а во Чаир адвокатот Николче Наумов.
Извршниот одбор на партијата одлучи и за поддршка на независниот кандидат за градоначалник на Кочани, д-р Влатко Грозданов, кој претходно ја доби и поддршката од ВМРО-ДПМНЕ.
На листата на ЗНАМ за Градот Скопје, покрај Котевски, се и универзитетските професори Билјана Андреска-Богданоска и Горан Ајдински, докторот Злате Мехмедовиќ, како и кошаркарскиот тренер Марин Докузовски.