Напнатост меѓу САД и Израел: Трамп лут на Нетанјаху по нападот во Катар
Сè поголема е фрустрацијата во тимот на американскиот претседател Доналд Трамп поради израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, особено откако Израел изведе напад врз раководството на Хамас во Катар. Американските официјални лица се загрижени дека целта на нападот може да биде да се попречат преговорите за примирје.
Неименуван извор близок до тимот за национална безбедност на Белата куќа за Politico изјави дека бомбашкиот напад во Доха можеби бил намерен, со цел да се наруши напредокот на преговорите. „Секој пат кога се напредува, се чини дека некој е бомбардиран. Тоа ги фрустрира претседателот и неговите соработници“, изјави изворот.
САД реагираа со дипломатски напори: државниот секретар Марко Рубио разговарал со катарските лидери за зајакнување на одбранбената соработка. Трамп го критикуваше нападот на американскиот сојузник и посочи дека вакво нешто не смее да се повтори, иако истовремено го нарече убиството на челниците на Хамас „вредна цел“. Хамас, сепак, тврди дека неговите лидери не се повредени во нападот.
Изворот оцени дека ова е „најјавниот критички исказ на републикански претседател кон израелски лидер во последно време“, мислејќи на објавата на Трамп на социјалните мрежи по инцидентот.