Во зимските месеци, граѓаните од ранливите категории кои не се во можност да ги платат сметките за струја нема да бидат исклучувани од електрична енергија – предвидува новиот Закон за енергетика, кој веќе е во сила. Законот, кој опфаќа околу 300 страници, го воведува и поимот „енергетска сиромаштија“ и нуди и фискални и нефискални мерки за справување со неа.
Новитетите беа презентирани на брифинг со новинарите во Едукативниот центар во Матка од страна на министерката за енергетика Сања Божиновска, заедно со претставници од ЕВН, ЕСМ и МЕПСО.
Министерката најави низа системски промени со кои Македонија треба да се усогласи со европските директиви за чиста енергија. Една од главните цели е поголема заштита на потрошувачите и нивно активно вклучување во енергетскиот пазар.
Клучни одредби од новиот закон:
Во зимскиот период, операторите нема да смеат да исклучуваат електрична енергија на граѓаните кои припаѓаат на социјално ранливи категории.
Се воведува концептот на „енергетска сиромаштија“ со механизми за нејзино намалување, вклучувајќи нефискални мерки.
Ќе се воведуваат батерии за складирање електрична енергија, а ќе се зголеми бројот на полначи за електрични возила со јасна регулатива за нивно поставување.
Секој потрошувач ќе може да го смени својот снабдувач со струја во рок од 48 часа.
До 2031 година, се очекува граѓаните да инсталираат до 80% паметни („смарт“) броила, кои автоматски и далечински ќе ја мерат потрошувачката.
Предвидено е создавање на „граѓански енергетски заедници“ – здружувања кои ќе можат заеднички да произведуваат и управуваат со електрична енергија.
Се работи и на детална инвестициона програма за следните десет години, со фокус на модернизација и дигитализација на енергетскиот сектор.
Дополнително, со законот се предвидува МЕПСО – операторот на преносниот систем – да премине под надлежност на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
„Ова е имплементација на европските директиви, особено во делот на чистата енергија и заштитата на потрошувачите. Законот носи суштински промени за сите учесници во енергетскиот систем – од производители и дистрибутери до крајни корисници“, изјави министерката Божиновска.