Собранието со поддршка од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ЗНАМ и ВЛЕН изгласа предлог-измени на Изборниот законик, со кои се воведуваат нови услови за учество на независните кандидати во изборниот процес. Според измените, кои се носат по скратена итна постапка, независните листи ќе треба да соберат најмалку 100, а најмногу 3.500 потписи, во зависност од бројот на гласачи во општината каде што настапуваат.
Новите правила веднаш предизвикаа бурни реакции кај граѓанските иницијативи и независните кандидати, кои сметаат дека се работи за обид да се ограничат и потиснат алтернативните политички гласови.
Од иницијативата „Независни за Карпош“ реагираа остро:
„Пратеничките состави се менуваат, но тенденцијата да ги подметнуваат истите валкани сопки останува. Не затоа што независните не се доволно добри, туку затоа што се доволно опасни по нивниот монопол. Ова не е изборен закон. Ова е акт на страв. Страв од гласот што не го контролираат, ама нема да им помине.“
Граѓански организации оценуваат дека измените се директен удар врз политичкиот плурализам и учеството на граѓаните во процесите на одлучување. Според нив, новите услови за потписи создаваат административни и логистички бариери кои фаворизираат партиски структури, а го отежнуваат патот за сите кои не припаѓаат на традиционалните политички центри.
Иако измените се донесени со аргумент дека се потребни за уредување на изборниот процес, критичарите велат дека тие се само уште еден чекор во задушување на независната политичка сцена во земјата.