Во Македонија денеска започнува првиот дел од гласањето за Локалните избори 2025. Според податоците на Државната изборна комисија, на ден пред изборниот молк да заврши, право на глас ќе остварат 2.162 затвореници, 8.851 болни и немоќни лица, како и 442 возрасни лица сместени во старските домови.
Во казнено-поправните установи, според Избирачкиот список, најмногу гласачи има во КПД „Идризово“ – 938, потоа во затворот во Шуто Оризари 391, во штипскиот затвор 237, а во прилепскиот 119. Право на глас имаат и лицата кои се наоѓаат во домашен притвор и поднеле барање за гласање во своите домови.
Членови на избирачките одбори денеска ќе ги посетат и 8.851 болни и немоќни лица, чии пријави за гласање биле прифатени од Општинските изборни комисии. Вкупно биле поднесени 9.217 пријави, но дел биле одбиени поради административни причини.
Во старските домови гласањето ќе се спроведе за 442 лица, наместо за првично пријавените 450, откако Министерството за социјална политика извести дека старскиот дом „Арија“ е затворен.
Утре, на 19 октомври, ќе се одржат главните избори – осми по ред локални избори од независноста на државата и четврти според новиот модел на избор на градоначалници и советници. Гласањето ќе се одвива на 3.474 избирачки места низ земјата, за 309 кандидати за градоначалници и 576 советнички листи, со вкупно 10.490 кандидати.
На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 независни кандидатури, а најмногу кандидати за градоначалник има за Град Скопје – 16.
Право на глас имаат 1.832.415 граѓани, од кои 1.717.803 во земјата, додека околу 112.000 се запишани во посебниот избирачки список како иселени лица. За локалните избори нема гласање во дијаспората, но државјаните кои се во странство можат да гласаат доколку допатуваат во земјата.
Гласањето се одвива од 7:00 до 19:00 часот, а изборниот молк што започна синоќа на полноќ ќе трае до завршување на гласањето утре навечер.