УТРО.мк

147 ГОДИНИ ОД МАКЕДОНСКОТО ВОСТАНИЕ ВО КРЕСНА

147 ГОДИНИ ОД МАКЕДОНСКОТО ВОСТАНИЕ ВО КРЕСНА
Vero

17 октомври 2025 година, Кресна, Пиринскиот дел од Македонија

На денешен ден, пред точно 147 години, на 17 октомври 1878 година, во Кресна започна Македонското востание — историски чин на бунт и саможртва на македонскиот народ против отоманското ропство.

Во македонската историографија востанието е познато како Кресненско востание, додека бугарската историографија го нарекува Кресненско-разлошко востание. Но, неговата суштина е јасна — тоа беше востание на Македонците за ослободување на татковината.

Историски контекст

Востанието избувна во време на големи потреси на Балканот:
Големата источна криза (1875–1881), Руско-турската војна (1877–1878), Санстефанскиот мировен договор (3 март 1878) и Берлинскиот конгрес (13 јуни – 13 јули 1878).
Членот 23 од Берлинскиот мировен договор, кој предвидуваше автономија за Македонија во рамките на Османлиското Царство, стана искрата што го запали востанието. Македонците не сакаа автономија под султанот – тие сакаа вистинска слобода.

Подготовки и водачи

Подготовките за востанието ги воделе видни македонски патриоти:
митрополитот Натанаил Охридски, револуционерот Димитар Поп-Георгиев Беровски (водач и на Разловечкото востание), војводата Стојан Карастоилов, поп Коста Буфски од Леринско и други храбри македонски борци.

На советувањето во Рилскиот манастир на 8 септември 1878 година било решено востанието да започне со напад на Кресна, под раководство на Карастоилов.

Почеток на востанието

На 17 октомври (5 октомври стар стил) 1878 година, 400 востаници и жители од околните села го нападнале турскиот гарнизон во Кресна. Во борбите биле заробени 109 турски војници, а градот бил ослободен. Востанието брзо се проширило низ Мелничко, Беровско, Делчевско и Демирхисарско, создавајќи широка слободна територија.

Организација и управување

По ослободувањето на повеќе села, востаниците формирале нова месна власт и востанички штаб.
На чело бил избран Димитар Поп-Георгиев Беровски, а за прв војвода – Стојан Карастоилов.
Бил донесен и еден од највеличествените документи во македонската револуционерна историја —
„Привремени правила на Македонскиот востанички комитет“, вистински устав на слободните македонски територии, кој регулирал сè – од управување, економија и војска, до секојдневниот живот.

Во уводот на документот стои патриотска заклетва:

„Ние востанавме како поборници на слободата… Со нашата крв, која ја пролеваме низ полињата и горите македонски, служиме како македонската војска на Александар Македонски – за слободата, со нашата девиза: Слобода или смрт!“

Судири и предавства

Востанието набргу се соочило со мешање од бугарските комитети „Единство“, кои се обиделе да го преземат раководењето. Тоа довело до остри конфликти и трагедии.
На 6 декември 1878 година, Стојан Карастоилов бил убиен по наредба на бугарскиот комитет, а Беровски бил спасен благодарение на митрополитот Натанаил.

Со отстранувањето на македонските водачи, востанието почнало да слабее. До февруари 1879 година турската војска започнала контраофанзива со 8.000 војници. Македонските чети се повлекле во внатрешноста на земјата, обидувајќи се да кренат нови востанија во Битолско, Воденско и Костурско – но без успех.

Крај и последици

На 6 јули 1879 година, во селото Падеж, митрополитот Натанаил издал наредба за демобилизација на востаничките сили.
Со тоа, Кресненското востание завршило – по осум месеци херојска борба.

По сломот, започнала голема бегалска колона: околу 25.000–30.000 Македонци побегнале во Бугарија – прва масовна миграција на нашиот народ во поновата историја.

Слава и сеќавање

Кресненското востание беше првиот голем организиран обид за создавање слободна македонска држава.
Иако неуспешно во воена смисла, тоа остави длабока трага – како најчист израз на македонската волја за слобода и самостојност.

Слава им на хероите од Кресна – на Беровски, Карастоилов, Буфски, Натанаил и на сите безимени востаници кои го дадоа својот живот за Македонија.
Нека Господ им подари вечен мир, таму каде што почиваат душите на праведниците.
Амин.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран