Во сабота низ сите 50 сојузни држави на САД се очекуваат протести со повеќе од три милиони учесници, што би можело да стане најголемото граѓанско собирање во поновата американска историја. Настанот, под мотото „Немаме кралеви“, е насочен против политиките на претседателот Доналд Трамп за имиграцијата, образованието и безбедноста, кои организаторите ги сметаат за чекор кон автократија.
Протестите ќе се одржат на над 2.600 локации низ земјата и ги поддржаа прогресивни лидери како Берни Сандерс, Александрија Окасио-Кортез и Хилари Клинтон, како и голем број јавни личности.
Организаторката Леа Гринберг изјави дека протестите се „најамериканскиот начин да се каже дека немаме кралеви и да се брани правото на мирен отпор“.
Професорката Дејна Фишер предвидува дека ова може да биде најмасовниот протест во современата историја на САД, израз на колективна фрустрација кон владата на Трамп.
Во неколку држави, меѓу кои Тексас и Вирџинија, гувернерите ја ставија Националната гарда во приправност, за да спречат можни инциденти за време на протестите.