Проблемите со испораките на ракетите „Томахавк“ за Украина можат да бидат предизвикани од одлуката на кинеското раководство, објави германскиот весник „Берлинер Цајтунг“.
Во текстот се наведува дека „во пресрет на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во петок, американскиот претседател Доналд Трамп има многу ограничени можности да ѝ обезбеди на Украина посериозна воена поддршка од досегашната. Причината за тоа не лежи во руската воена сила, туку во Пекинг,“ пишува весникот.
Минатата недела кинеското Министерство за трговија објави документ со кој се воведуваат ограничувања за извоз на ретки земни метали, клучни за современата индустрија.
Според новите правила, странските компании мора да добијат дозвола од кинеската влада за извоз на производи што содржат дури и мали количества од овие елементи, и да ја наведат нивната крајна намена.
Овие мерки, според анализата, претставуваат сериозен удар врз американската одбранбена индустрија, бидејќи ретките земни метали се неопходни за производство на воена опрема и голем број високо-технолошки производи.
Разговарајќи со новинарите по телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин, Трамп признал дека постојат тешкотии во испораката на ракетите „Томахавк“ за Киев, нагласувајќи дека САД самите имаат потреба од тоа оружје.
„Не можеме да останеме без него. И нам ни е потребно,“ изјави Трамп.