СКОПЈЕ – Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска е домаќин на министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, кој престојува во работна посета на Република Северна Македонија.
Како што информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ), централна тема на разговорите ќе бидат унапредувањето на билатералната соработка, тридецениското пријателство меѓу двете земји и континуираниот раст на трговската размена.
Во рамките на посетата се очекува потпишување на Договор за стратешка соработка меѓу владите на двете земји, како и Меморандум за разбирање меѓу Министерството за образование и наука на Северна Македонија и унгарското Министерство за надворешни работи и трговија.
Меморандумот предвидува соработка во рамките на стипендиската програма Stipendium Hungaricum за периодот 2026–2028 година, а ќе го потпишат министерот Сијарто и министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Македонско-унгарските односи последниве години добија нова динамика, особено во доменот на инвестициите, образованието и енергетиката. Очекувањата се дека посетата ќе резултира со нови иницијативи за продлабочување на соработката на политички, економски и културен план.