Премиерот Христијан Мицкоски во гостување на ТВ Телма изјави дека нема основа за зголемување на судскиот буџет, бидејќи, како што посочи, Македонија веќе издвојува поголем процент од БДП за правосудството отколку мнозинството земји членки на Европската унија.
Тој притоа се повика на европска анализа според која државата одвојува 0,39 отсто од БДП за судството, додека европскиот просек е 0,31 отсто, а медијаната 0,28 отсто. „Ние издвојуваме повеќе од 75 проценти од земјите членки на ЕУ“, нагласи Мицкоски.
Премиерот додаде дека барањата за зголемување на судскиот буџет – до вкупно 1,3 проценти од БДП според новите законски измени – се нереални и трипати повисоки од земјата која најмногу троши за правосудството во Европа. Според него, ниту обвинителствата во регионот немаат толку високи буџети, посочувајќи дека Албанија издвојува 0,17 отсто, Молдавија 0,18 отсто, а Грузија 0,15 отсто.
Говорејќи за платите на судиите, Мицкоски потенцираше дека претседател на суд зема околу 180.000 денари месечно, додека неговата плата како премиер е 155.000 денари. Според него, тоа е доволно висока сума, особено ако се земе предвид дека просечната плата изнесува околу 45.000 денари.
Тој ги спореди и платите на судиите почетници во регионот, посочувајќи дека иако словенечки судија зема 80 проценти повисока плата од македонски, Словенија има три и пол пати повисок БДП. Односот, според Мицкоски, е непропорционален.
Премиерот повтори дека Владата нема да одобри зголемување на буџетот без конкретни резултати и дека останува одговорна за рационалното трошење на народните пари. „Владата не се меша во судството, но мора да се грижи за секој денар што се троши од државните институции“, рече тој.
Мицкоски коментираше и за борбата против корупцијата, наведувајќи дека за првпат се отвораат истраги против високи функционери во судството и во јавните институции. Како примери ги посочи апсењето на врховен судија, случаи со директори во здравството и функционери поврзани со мито.
Во однос на Судскиот совет и работата на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, Мицкоски порача дека Владата е незадоволна и дека, според него, смената на обвинителот би била логичен след на настаните. Тој додаде дека и мнозинството граѓани имаат став дека обвинителството не работи соодветно.
„Ако треба да ја платам политичката цена заради ова, ќе ја платам. Но не може да се бара буџет поголем од европскиот, а да нема резултати“, истакна Мицкоски.























