Државниот завод за ревизија ја заврши ревизијата на финансиските извештаи и усогласеноста на работењето на Јавната здравствена установа Општа болница со проширена дејност Прилеп за 2024 година, при што беа изразени неповолни мислења за точноста и објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со законската регулатива.
Ревизијата откри сериозни неправилности во работењето на болницата. Дел од обврските биле евидентирани и платени ненавремено, селективно и без контроли, а кон поединечни добавувачи биле извршени авансни плаќања без приложени фактури во износ од над 8 милиони денари. Набавки на стоки и услуги во износ од 15,7 милиони денари биле спроведени без постапка за јавна набавка, а во некои постапки била утврдена несоодветна примена на Законот за јавни набавки.
Особено проблематична е набавката на медицинска опрема во износ од 26,9 милиони денари, дел од која, иако не е неопходна, не е ставена во употреба. Исто така, ревизијата утврди неправилности во благајничкото работење: не се издадени фискални сметки за здравствени услуги во износ од 4,4 милиони денари, а 5,5 милиони денари примени во готовина не биле уплатени на сметката на болницата, туку директно исплатени преку благајната, спротивно на Законот за платежни услуги и платни системи.
Готовинските средства биле користени за исплати на физички лица без договори за дело, за гориво без доказ за користење возила, како и за репрезентација и други расходи без поткрепувачка документација. Благајничкиот максимум од 60 илјади денари не бил почитуван, при што во одделни периоди во благајната имало и до 2,3 милиони денари наплатена партиципација.
До крајот на 2024 година, болницата имала побарувања во износ од 20,4 милиони денари, постари од три години, без активности за нивна наплата. Ревизијата покажала и неправилности во ангажманот на 131 лице по договор на дело, со исплати од 41,9 милиони денари, при што дел од договорите не ги содржеле конкретните износи на надоместокот.
Дополнително, болницата не ја испочитувала обврската да се регистрира како даночен обврзник по основ на ДДВ, при што од 6,74 милиони денари фактурирани за закуп на просторот, не се платени 1,21 милиони денари ДДВ. Сметководствената и материјалната евиденција не биле усогласени, а не бил спроведен целосен попис на средствата, обврските и побарувањата.
За утврдените неправилности и сомнеж за незаконско користење на средства, Државниот завод за ревизија издал препораки за нивно отстранување, а на 22 октомври 2025 година, Основното јавно обвинителство – Прилеп отвори истрага против 32 физички и правни лица за злоупотреби во јавните набавки и управувањето со јавни средства во Општата болница „Борка Талески“.























