Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата во петок ќе заседава за да даде поддршка на еден од пријавените кандидати за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Изборот ќе се одвива по селекцијата и сослушувањето на кандидатите од страна на Комисијата за селекција на кандидати за претседател на ДКСК. Петмина кандидати беа интервјуирани денеска, додека останатите пет ќе бидат сослушани утре.
За претседател на ДКСК првично се пријавија 13 кандидати, еден повлече документи, а двајца беа отфрлени поради непоседување на потребните услови, со што конечниот број на кандидати се намали на 10: Весна Доревска, Владимир Наумоски, Антонио Санев, Бранко Смилевски, Валентина Тодоровска, Ненад Трифуновски, Благица Трошанска, Кимо Чавдар, Адем Чучуљ и Феузи Џафери.
Изборот на нов прв антикорупционер следува по оставката на Татјана Димитровска, која се повлече од функцијата поради обвиненија за две кривични дела во предметот „Адитив“. Процесот за избор на претседател на ДКСК претходно беше прекинат поради локалните избори.























