Клиника Жан Митрев се приклучи кон глобалната иницијатива за одбележување на Светскиот ден на предвремено родени бебиња, 17 ноември, со симболично осветлување на фасадата во виолетова боја – боја што симболизира чувствителност, посебност и надеж за најмалите борци и нивните семејства.
Годинава одбележувањето се одвива под мотото „Силни почетоци за надежна иднина“ (Strong beginnings for hopeful futures), нагласувајќи ја важноста од обезбедување квалитетна неонатална грижа уште од првите моменти на животот. Целта е секое предвремено родено бебе да има здрав почеток, правилен раст и услови за успешна иднина.
Предвременото раѓање претставува глобален здравствен предизвик – едно од десет бебиња се раѓа пред 37-та гестациска недела, а последиците можат да бидат сериозни и долгорочни, особено за развојот на мозокот, белите дробови и видот. Светскиот ден на предвремено родени бебиња има за цел да ја крене свесноста за овие предизвици, да промовира мерки за превенција и да го подобри пристапот до современа, семејно ориентирана неонатална нега.
Во Центарот за мајка и бебе и Одделот за неонатална интензивна нега (NICU) на клиниката, кој располага со современа опрема и високо обучен тим, досега се родени над 170 бебиња, природно и со царски рез, од кои 20 пред 37-та недела. Центарот нуди целосна грижа пред, за време и по породувањето, овозможувајќи безбедност и поддршка за секоја трудница и новороденче.
Освен осветлувањето на фасадата, Клиника Жан Митрев низ цел месец ноември спроведува активности за поддршка на семејствата, промовирање на раната нега и едукација. Со заедничка посветеност и континуирана грижа, се создаваат силни почетоци што водат кон надежна и сигурна иднина за сите предвремено родени деца.























