Од денес, 17 ноември, студентите во земјава можат да аплицираат за ваучер во вредност од 15.300 денари за набавка на електронска опрема. Јавниот повик го објави Министерството за дигитална трансформација, а право на аплицирање имаат околу 55.000 редовни и вонредни студенти, изјави портпаролката на Владата, Венера Азизи.
„Сите студенти треба да се најават на системот за Е-услуги на веб-страницата uslugi.gov.mk, каде е објавен и линкот за Јавниот повик за електронски ваучер“, појасни Азизи.
Таа додаде дека студентите кои ќе наидат на проблеми при апликацијата, можат да подигнат потврда од својот универзитет и да ја прикачат во системот на Е-услуги. Во случај системот да ги извести дека не се евидентирани во регистарот на Министерството за образование и наука, студентите ќе бидат упатени кон друга апликација каде ќе треба да достават потврда за статусот на студент.
Веднаш по објавувањето на повикот, околу 1.000 студенти веќе аплицирале. Купената опрема треба да се подигне најдоцна до 31 декември.























