Рочиштето за случајот со родилката од Дебар, Јилдиз Веапоска, денеска повторно беше одложено во Основниот суд во Струга поради отсуство на адвокатот на обвинетиот доктор Асани. Со оглед на тоа што повеќе рочишта по ред пропаѓаат од иста причина, судијата Јордан Јованов му изрече глоба од 1.000 евра на адвокатот, побара негово изземање од предметот и назначување нов правен застапник.
Веапоска во судот пристигна со поддршка од група граѓани, повторувајќи дека доколку до крајот на месецот нема судска разрешница, ќе организира протести во Дебар, Струга и Скопје. Таа потенцира дека бара правда за да не се повтори, како што вели, истиот „терор“ што го доживеала при породувањето кога на свои триесетина години останала без бубрег, матка и јајник.
Во предметот, покрај доктор Асани, обвинети се уште двајца лекари кои се товарат за тешки дела против здравјето на луѓето, но тие се изјаснија дека не се виновни.
Проблеми со истото адвокатско отсуство имаше и кај судските постапки против поранешниот градоначалник Мерко. Денеска беа закажани две рочишта кај истиот судија – за спорната табла и за финансиски злоупотреби поврзани со осветлувањето на коритото на реката Дрим – но и тие експресно беа одложени. Адвокатот, кој ги застапува и Мерко и доктор Асани, е казнет со уште две глоби од по 1.000 евра.























