На почетокот на 20. век, Тетово, од мала турска касаба, почнува да се развива во значаен трговски, занаетчиски и административен центар за северозападна Македонија. Чаршијата се зголемува, а се формира и поимотен слој на население кое активно вложуваше во развојот на градот. Главната пречка за брз развој беше недостигот на електрична енергија, иако природните услови за нејзино производство беа идеални. Реката Пена, со обилна вода, претставуваше совршена можност за изградба на хидроцентрала – прва ваква во Македонија.
Иницијативата за изградба потекнала околу 1911/12 година, но реализацијата била одложена поради балканската криза и Првата светска војна. По завршувањето на војната, во 1921 година е формирано „Тетовско индустриско акционерско друштво“ (ТИАД). На јавен собир во хотелот „Београд“ тетовците едногласно одлучиле да се искористи падот на реката Пена за добивање електрична енергија за осветлување на градот и за развој на локалната индустрија.
Хидроцентралата, со проектиран капацитет од 3.000 коњски сили, била изградена во 1925-1926 година. Инсталираната моќ изнесувала 2.400 коњски сили, а паралелно била поставена и првата дистрибутивна мрежа, со далновод долг 46 километри. Отворањето било голем настан, на кој присуствувал и кралот Александар, а централата, освен Тетово, обезбедувала струја и за Скопје, индустриски капацитети во околината и рудникот Радуша.
Историчарите истакнуваат дека хидроцентралата значително го поттикнала развојот на индустријата во северна Македонија. За време на Втората светска војна, таа била под германска контрола, а сојузничките сили планирале диверзии. По ослободувањето во 1944 година, преминала во државна сопственост и продолжила да функционира, иако во 1979 година претрпела штети од големата поплава. Обновена во 1984 година, хидроцентралата и денес е дел од енергетскиот систем на ЕВН.
Гордоста на тетовци од овој проект останала популарна и во народните изрази: „Ако не беше Тетоо, Скопје помрачина ќе го изедеше“.























