Тимот за откривање кражби на струја при Електродистрибуција открил сомневање за неовластено користење електрична енергија во станбена куќа на улицата Борко Талев во Штип, во сопственост на локален бизнисмен. При контролата било утврдено дека се манипулирани сите три фази на електричното броило.
„Констатирано е противправно користење на електрична енергија и манипулација со броилото. Составен е записник за неовластено користење,“ информираат од Електродистрибуција.
Компанијата го пријавила случајот во Министерството за внатрешни работи согласно член 235-а од Кривичниот законик. Поднесена е и пријава за неовластено преземање електрична енергија, а издадена е фактура за предизвикана штета во висина од 364.658 денари, што изнесува речиси 6.000 евра.
Од МВР потврдија дека на 29 октомври 2025 година полициски службеници од СВР Штип утврдиле дека 60-годишниот С.А. од Штип извршил премостување на електричен кабел пред броилото, поради што потрошената струја не се евидентирала. Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот.























