Експлозијата што ја оштети железничката пруга на рутата Варшава – Лублин, која служи и за транспорт на оружје кон Украина, претставува „невиден чин на саботажа“, изјави полскиот премиер Доналд Туск. Тој предупреди дека инцидентот можел да заврши со сериозна трагедија и најави дека виновниците ќе бидат пронајдени и изведени пред правдата.
Експлозијата се случи во контекст на зголемен број пожарите, саботажи и сајбер-напади што Полска и други европски држави ги бележат од почетокот на војната во Украина. Варшава и во минатото ја посочуваше Русија како одговорна за слични инциденти, иако Москва секогаш ги отфрла обвинувањата.
„Дизaњето во воздух на железничката пруга Варшава–Лублин е чин насочен кон безбедноста на државата и граѓаните,“ напиша Туск на платформата X. „Истрагата е во тек и ќе ги фатиме сторителите, без разлика кој стои зад нив.“
Четворица министри на прес-конференција потврдија дека, покрај експлозијата, се разгледува и уште еден можен чин на саботажа на друг дел од трасата, каде што е оштетена железничката влеча. Во октомври, Полска и Романија уапсија осум лица осомничени за планирање саботажи во име на Русија.
Премиерот Туск потврди дека делницата е од критично значење, бидејќи рутата се користи за транспорт на оружје кон Украина. „Среќа е што не се случи трагедија, но правните последици се сериозни,“ рече тој.
Министерот за одбрана Влатислав Косинијак-Камиш откри дека армијата ја проверува 120-километарската делница до украинската граница, додека министерот за внатрешни работи Марчин Кервински изјави дека собирањето докази е во тек и треба да доведе до брза идентификација на сторителите. Според Министерството за инфраструктура, на оштетената рута секојдневно сообраќаат околу 115 возови.























