Битола ќе реализира 80 проекти со вкупна вредност од 15 милиони евра од двата јавни повици на Владата, истакна битолскиот пратеник Пеце Милевски за време на расправата по предлог-буџетот за 2026 година.
Тој посочи дека со државна поддршка продолжува финализацијата на новата Пречистителна станица за Битола, инвестиција вредна 40 милиони евра. Дополнително, Милевски ја нагласи стратешката важност на автопатот Битола – Прилеп, кој, како што рече, ќе донесе побрз економски развој во Пелагонискиот регион и поголема безбедност во сообраќајот.
„Граѓаните во 2024 година јасно ја оценија поранешната влада, а периодот на стабилизација започна со ребалансот за 2024 и буџетот за 2025. Денес имаме Влада што вистински се грижи за рамномерен регионален развој,“ истакна Милевски.
Пратеникот нагласи дека предложениот буџет за 2026 се темели на фискална дисциплина, реални приходи и насочени расходи кон стратешки приоритети. Особено внимание, како што додаде, е посветено на мерките за намалување на сивата економија и зголемување на наплатата на буџетските приходи.
„Буџетот е направен врз реални проекции и е создаден да ја поддржи економската активност и макроекономската стабилност,“ заклучи Милевски од собраниската говорница.























