УТРО.мк

ИЈЗ: Одржувајте собна температура од 25 степени во екот на летните горештини

ИЈЗ: Одржувајте собна температура од 25 степени во екот на летните горештини
Vero

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) апелира до граѓаните да бидат особено внимателни во справувањето со летните горештини и да ја одржуваат собната температура околу 25 степени Целзиусови. Во периоди на екстремно топло време, ова се смета за најбезбедна и најудобна температура за престој во затворени простории.

„Ако надворешната температура е повисока од онаа внатре, со отворање на прозорците се губи поладното засолниште. Затоа, од 11 до 17 часот прозорците и завесите треба да се држат затворени, особено на сончевата страна“, велат од ИЈЗ. Доколку е потребно, може да се користат чаршафи или крпи како дополнителна заштита.

Се препорачува прозорците да се отвораат само кога надворешниот воздух е поладен од внатрешниот, со задолжителна заштита од инсекти. Електричните уреди што не се користат треба да се исклучат, бидејќи создаваат дополнителна топлина. Вентилаторите се корисни, но само доколку температурата не надминува 35 степени.

ИЈЗ дополнително советува да се лади само една или две простории, наместо цел дом, со цел поголема ефикасност и економичност. Готвењето треба да се одвива во попладневните или вечерните часови, а ринглите и рерните да се користат што е можно пократко.

„Дрвјата се природен климатизер. Едно дрво во двор или на улица може значително да придонесе за намалување на температурата. Особено ефективни се оние со широка крошна“, стои во препораките на Институтот.

Од Министерството за здравство исто така повикаа на зголемена внимателност, особено за време на топлотниот бран што се очекува од 8 до 13 август, кога температурите ќе достигнат до 39 степени во некои региони.

„Престојувајте во разладени простории, внесувајте доволно течности, избегнувајте алкохол и засладени пијалаци. Носете светла и лесна облека и избегнувајте напорна физичка активност од 11 до 17 часот“, соопштија од Министерството, со посебен апел до најранливите категории граѓани – децата, повозрасните, хронично болните и бремените жени.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран