Денеска во Прилеп и месноста Карпалак ќе се одбележат 24 години од загинувањето на десет армиски резервисти: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.
Делегации ќе ги посетат нивните вечни почивалишта во Прилеп и околните населени места, а ќе се положи цвеќе и во месноста Карпалак, каде на 8 август 2001 година, за време на конфликтот, во заседа беше нападнат армискиот конвој. Во нападот загинаа десетте прилепски бранители.
Во центарот на Прилеп, пред комплексот „Карпалак“, цвеќе ќе положи делегација на Собранието составена од Биљана Кузманоска, Пеце Милевски и Миле Талевски. Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија, исто така, ќе го одбележат овој тажен датум.
Одбележувањето започна уште вчера со поклон пред спомен-обележјето во кругот на касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп. Потполковникот Сашко Палески, командант на гарнизонот, истакна дека спомените за загинатите ќе се чуваат со пораката – „никогаш да не се повтори“. Почит им оддадоа повеќе делегации, семејствата на загинатите и здруженија на бранителите.
Во нивна чест, беше посетен и споменикот во селото Лениште, како и манастирот „Света Петка“, каде се одржа вечерна богослужба.
Карпалак останува симбол на жртвата и храброста на македонските бранители, чие дело вечно ќе се памети.