
„Ер Србија“ ја зголемува фреквенцијата на летови меѓу Белград и Скопје во претстојната зимска сезона. Авиокомпанијата планира да реализира 14 летови неделно на оваа релација, односно по два лета дневно.
Според специјализираниот портал „Екс Ју авијација“, новиот распоред ќе започне да се применува од 25 октомври, со што бројот на неделни ротации е зголемен во однос на првично планираните 11.
Во споредба со минатата зимска сезона, кога „Ер Србија“ реализираше по 10 летови неделно меѓу двата главни града, ова претставува дополнително зголемување на воздушната поврзаност меѓу Македонија и Србија.
Сите летови според актуелниот распоред се планирани да се реализираат со ATR 72-600, турбопропелерски авион на авиокомпанијата.
Зголемувањето на бројот на летови ќе обезбеди поголем избор на термини за патниците кои патуваат меѓу Скопје и Белград, како и подобра поврзаност преку белградскиот аеродром со други дестинации.

















