
Имотните спорови во Албанија со децении претставуваат сериозен општествен и безбедносен проблем, а според податоците што ги изнесе безбедносниот експерт Фатјон Софта, во изминатите 35 години во земјата биле убиени околу 11.000 лица во конфликти поврзани со имот.
Софта бројката ја сподели во телевизиска емисија, каде што зборуваше за долгогодишните проблеми со сопственоста и последиците од нерешените имотни прашања.
Според него, неодамнешниот конфликт меѓу бизнисмени во Радми, во близина на Валона, околу сопственоста на земјиште, е само еден пример за многу поширок проблем кој постои низ целата земја.
„Радми беше само врвот на ледениот брег на проблемите што постојат во врска со имотите“, истакна Софта, посочувајќи дека споровите стануваат особено сериозни кога станува збор за големи земјишни површини и имоти со висока економска вредност.
Тој оцени дека имотното прашање сè уште не е целосно решено од албанските институции и дека токму нерегулираната сопственост често станува причина за сериозни конфликти.
Последиците, како што наведува експертот, не се ограничуваат само на физички пресметки. Имотните спорови довеле и до нарушени семејни односи, конфликти меѓу роднини и распаѓање на семејства.
Софта додава дека проблемите со сопственоста се присутни во различни делови на Албанија, а нивниот интензитет дополнително се зголемувал поради економските и политичките интереси поврзани со земјиштето.
Според него, решавањето на имотните спорови останува еден од значајните предизвици за албанските институции, не само од правен и економски, туку и од аспект на националната безбедност.

















