
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во октомври ќе ја посети Западен Балкан, но сè уште не е потврдено дали во рамките на турнејата ќе допатува и во Србија.
Од Европската комисија велат дека програмата сè уште се подготвува, а висок претставник на Комисијата за Радио Слободна Европа не ја исклучил можноста Србија да биде изоставена од турнејата.
„Можам да потврдам дека претседателката, како и секоја година, ќе го посети Западен Балкан. Програмата сè уште се подготвува и во овој момент не можам да потврдам кои земји ќе бидат опфатени“, изјавила портпаролката на Европската комисија, Паула Пињо.
Можното изоставување на Србија доаѓа само неколку недели по погребот на поранешниот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, кој беше осуден од Хашкиот трибунал за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото.
Од Европскиот парламент веќе стигнале повици Фон дер Лајен да не го посети Белград во рамките на претстојната турнеја. Во меѓувреме, членови на академската заедница во Србија испратиле писмо до претседателката на Европската комисија, барајќи евентуалната посета да биде одложена до завршувањето на изборите.
Според нив, посетата би можела да биде искористена од медиумите блиски до српските власти како порака дека Европската Унија ја поддржува актуелната власт.
Дополнителен сигнал од Брисел пристигна и од еврокомесарката за проширување, Марта Кос, која претходно го откажа својот планиран престој во Белград. Таа на 4 септември порача дека величањето на Младиќ по неговата смрт е „неспоиво со вредностите“ врз кои се темели патот кон Европската Унија.
Посетата на Фон дер Лајен во Србија би можела да се совпадне и со период на предизборна кампања, во услови на најави за можни предвремени избори и обвинувања дека активисти и опозициски политичари биле мета на шпионски софтвер.

















