
Американскиот државен секретар Марко Рубио упати честитка до граѓаните на Северна Македонија по повод 35-годишнината од независноста на државата.
Во честитката, Рубио порача дека Соединетите Американски Држави се горди што стојат покрај Северна Македонија како доверлив сојузник и партнер.
„Во име на американскиот народ, упатувам најтопли честитки до народот на Северна Македонија, додека славите 35 години независност“, наведува Рубио.
Американскиот државен секретар ја истакна и улогата на Северна Македонија во зајакнувањето на безбедноста и стабилноста во регионот, посочувајќи ја посветеноста на земјата кон заедничката одбрана, борбата против тероризмот и соработката во областа на сајбер-безбедноста.
Рубио го поздрави и континуираниот развој на економското партнерство меѓу двете земји, вклучително и преку Стратешкиот дијалог одржан годинава во Вашингтон.
„Заедно, ги унапредуваме можностите во енергетиката, инфраструктурата, технологијата и другите сектори за зајакнување на просперитетот во двете наши земји“, порача Рубио.
Тој на граѓаните им посака радосен Ден на независноста, како и континуиран мир, безбедност и просперитет во годините што следуваат.
Честитка по повод 8 Септември упати и Амбасадата на САД во Скопје.

















