Македонските патници зимава ќе имаат избор за десет нови авиодестинации. Според најавите на генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, зимскиот распоред на летови за сезоната 2025/26 ќе понуди значително побогата мрежа на линии од двата национални аеродрома.
„Нашиот тим за развој на мрежата на рути веќе преговара со неколку авиокомпании за воспоставување директни летови кон Данска, Финска и земјите од Блискиот Исток. Истовремено, од постојните пазари ќе се фокусираме на подобра поврзаност со Шпанија и Обединетото Кралство“, изјави Курт во интервју за МИА.
Зимскиот распоред на летови, кој стапува на сила на крајот на октомври и ќе трае до март 2026 година, опфаќа 49 редовни дестинации што ќе ги опслужуваат 17 авиокомпании, како и 13 чартер линии што ќе ги реализира една авиокомпанија.
„Очекуваме оваа зима да донесе рекордна понуда на летови и поголема поврзаност на Македонија со Европа и регионот“, додава Курт.