
Европската Унија нема да ги ублажи санкциите за руските фосилни горива по договорот меѓу Вашингтон и Москва за испораки на дизел, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пренесува „Политико“.
Во обраќање пред Европскиот парламент, таа предупреди дека Русија не е сигурен снабдувач со енергенси и дека Европа не смее да ги заборави последиците од енергетската зависност од Москва.
„Нашето искуство покажува дека во секој момент би можела да ја искористи енергетската зависност како средство за уцена. Тоа е лекција која Европа сигурно нема да ја заборави“, изјави Фон дер Лајен.
Пораката следува откако американскиот претседател Доналд Трамп објави договор со Владимир Путин за ублажување на санкциите за увоз на руски дизел до април 2027 година, како одговор на растот на цените на светските пазари.
Бранејќи го потегот, Трамп тврдеше дека и ЕУ купила руски фосилни горива во вредност од неколку милијарди, без да наведе дополнителни детали.
Фон дер Лајен, пак, порача дека Брисел останува на политиката на санкции и нема да го следи американскиот пристап.























